Вицепремиерот и еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, во изјава за ТВ „21“ не ја исклучи можноста политичари од Националната алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, меѓу кои и Зијадин Села и неговото крило на Алијанса за Албанците, да станат дел од Владата.

Меџити, во емисијата „Ајде да зборуваме“ на ТВ21, рече дека тие комуницираат со претставници на опозициските партии и дека политичката сцена „се измешала“.
Тој додава дека во партиите на македонските Албанци имало многу турбуленции сè до создавањето на два табора.
Запрашан за тоа дали веќе имале некакви разговори, тој рече дека очекува и дополнителни турбуленции во албанскиот политички блок.
Зијадин Села, некогашниот лут политички противник на ДУИ и Али Ахмети, подолго време е дел од опозицијата предводена од ДУИ. Таму во мај годинава му се придружи уште еден поранешен близок соработник – Арбен Таравари, со кого беа и во судски спор околу тоа кој ќе биде правен наследник на партијата Алијанса за Албанците.
Расколот во АА се случи лани пред изборите, кога Таравари влезе во власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, а беше и претседателски кандидат на тогашната опозиција




