Технолошките гиганти „Мета“, „Алфабет“ и „Мајкрософт“ инвестираат огромни суми пари во развој на вештачка интелигенција, во трка за доминација на пазарот кој доживува вистински бум и ја зголемува вредноста на нивните акции на рекордни нивоа, пишува „Би-Би-Си“.
Финансиските извештаи објавени во среда покажуваат дека овие компании издвојуваат колосални суми за сè, од центри за податоци до најновите чипови – и покрај прашањата за тоа кога и како тие инвестиции ќе се исплатат.
Големиот облог на Мета
„Мета“, сопственикот на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, изјави дека неговите капитални расходи за 2025 година ќе бидат помеѓу 70 и 72 милијарди долари, што е зголемување во однос на претходните проценки. Исто така, соопшти дека расходите во 2026 година ќе бидат „значително повисоки“ од оваа година, бидејќи „Мета“ се стреми да ги стигне лидерите како „ОпенАИ“.
Шефот на „Мета“, Марк Закерберг, ги бранеше инвестициите на компанијата, истакнувајќи ги огромните можности што ги носи вештачката интелигенција – како во развојот на нови производи, така и во подобрувањето на рекламниот бизнис.
„Вистинската работа е да се забрза ова“, им рече тој на аналитичарите. „Во моментов, нашите апликации и рекламниот бизнис работат под постојани ограничувања на компјутерската моќ.“
Алфабет и Мајкрософт не заостануваат многу
Сопственикот на Google и YouTube, Alphabet, исто така ја зголеми својата прогноза за трошоци за оваа година на помеѓу 91 и 93 милијарди долари. Тоа е речиси двојно повеќе од капиталните трошоци што компанијата ги имаше во 2024 година.
„Продолжуваме да ги зголемуваме нашите инвестиции во вештачка интелигенција – во капитал и во талент – за да ја искористиме огромната можност што е пред нас“, рече извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела. Тој додаде дека „Азур“, одделот за cloud computing на „Мајкрософт“, и другите производи за вештачка интелигенција веќе имаат „вистинско влијание“.
Поглед од Вол Стрит
Еуфоријата на инвеститорите поради огромните трошоци за вештачка интелигенција им помогна на акциите на сите три компании да постигнат подобри резултати од поширокиот индекс S&P 500. Но, Волстрит сега е фокусиран на клучното прашање: кога тие инвестиции ќе почнат да даваат вистински резултати.
Адитја Бхаве, виш економист во Банката на Америка, вели дека две работи ја одржуваат американската економија во движење во последните месеци – потрошувачите и деловните инвестиции поврзани со вештачката интелигенција.
„Додека второто останува силно, тоа е добар сигнал за раст на БДП“, заклучи тој.




