Русија воведе забрана за влез за голем број претставници на европските институции и земјите од ЕУ како одговор на усвојувањето на 19-тиот пакет санкции, објави руското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека забраната важи и за вработените во агенциите за спроведување на законот, владини и трговски организации, граѓани на земјите-членки на ЕУ и голем број други западни земји „одговорни за обезбедување воена помош на Киев, учествуваат во организирање на испорака на производи со двојна употреба во Украина, работат на поткопување на територијалниот интегритет на Руската Федерација и организираат блокада на движењето на руски бродови и товар“, пренесува РИА Новости.
Забраната важи за претставници на европските институции, владини тела на земјите од ЕУ и други европски држави вклучени во создавањето „трибунал“ против руското раководство, се додава во соопштението.
Мерките беа воведени и против „оние кои се залагаат за конфискација на руски државен имот или користење на профитот од него во корист на Украина, како и против оние кои се одговорни за воведување и спроведување на санкции против Русија и кои се обидуваат да им наштетат на односите на Москва со други држави“, соопшти руското министерство. На 23 октомври, Европската комисија го усвои својот 19-ти пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина во 2022 година.




