
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва на завршниот митинг пред гласање за вториот круг на Локалните избори, ги повика граѓаните на главниот град в недел масовно да излезат да гласаат и да испратат порака дека Скопје избира работа и човек кој знае, умее и им покажал како се сака својот град.
– Стоиме заедно во пресрет на конечната одлука, ова е одлука за судбината на нашиот град. Одлука за тоа во каков град сакаме да имаме ние и во каков град сакаме да живеат нашите деца. Нашиот град е уморен од хаос, уморен е од нечистотија, од сообраќаен метеж во кој губиме часови од нашиот живот, од празни ветувања и од неспособност, рече Ѓорѓиевски.
Скопје, нагласи тој, е град со сериозни, длабоки и наталожени проблеми и овие проблеми не се решаваат со учење во од и со празни фрази, туку бараат сериозни, искусни и итни решенија.
– На Скопје, почитувани, не му требаат експерименти, на Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа. Не му требаат луѓе кои допрва ќе откриваат што е тоа Генерален урбанистички план, што е Детален урбанистички план, што е физибилити студија, што е главен проект, а што е буџетско планирање, истакна Ѓорѓиевски.

Градот, додаде тој, бара човек кој знае што прави уште од првиот ден, затоа што Скопје нема време за губење, ниту пак за учење.
Во обраќањето до скопјани, Ѓорѓиевски истакна дека сега пред нив ја бара довербата со дела оставени зад него, посочувајќи дека за Кисела Вода вети 70 километри асфалтирани улици, и испорача, вети нови градинки, и тоа го реализиравме, и листите на чекање ги сведуваме на нула.
Ѓорѓиевски рече, имаме јасен план, со стотици проекти во нашата програма и знаеме како да го решиме сообраќајниот колапс.
ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ




