Во Македонија денеска се одржува вториот круг од Локалните избори 2025. Ќе се избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, а за советници ќе се прегласува на три избирачки места во Шуто Оризари. Нема да се гласа за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, и таму постапката ќе се повтори во рок од 60 дена по завршување на Локалните избори.
Во вториот изборен круг за градоначалник се гласа во главниот град и во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Право на глас во вториот круг на изборите имаат 1 013 375 гласачи. Од нив право на глас во Град Скопје имаат 474 304 избирачи.
Изборите ќе ги следат 1 598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.
На денот на изборите, гласањето ќе почне во 7:00 часот, а ќе трае до 19:00 часот.
Гласачите на избирачкото место ќе можат да одат само еднаш. Се гласа тајно, а на овие избори како и на минатите за идентификација на избирачите освен лична карта или пасош ќе се прави и со т.н. фингерпринт апарати.
Индетификацијата на гласачите се врши важечка лична карта или пасош и со апаратите за биометриска идентификација.
Гласањето е тајно, се врши зад параваните со сино хемиско пенкало, а забрането е групно или семејно гласање, како и носење оружје на гласачко место.
Резултатите од гласањето на изборите се очекуваат во текот на вечерта, а се очекува последната прес-конфренција ДИК да ја одржи околу 23 часот. Во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, а за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови. Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. Согласно, Изборниот законик по добивањето на известувањето Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот. Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на поверениквго известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник.
Ова се осми Локални избори во земјата, а четврти на кои избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
На Локалните избори 2025 вкупно учествуваат (прв и втор круг) 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.




