Снабдувањето со електрична енергија за околу 60.000 луѓе е прекинато по рускиот напад во текот на ноќта врз украинскиот Запорожје, во кој две лица беа ранети, а зградите беа уништени, соопшти регионалниот гувернер.

Како што се приближува зимата, Русија ги засилува нападите со ракети и беспилотни летала врз енергетската инфраструктура за да предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија што го принудуваат Киев постојано да ги поправа штетите.
„Тимовите ќе го вратат снабдувањето со електрична енергија штом безбедносната ситуација ќе дозволи“, изјави Иван Федоров, гувернер на Запорошката област. На комуникациската платформа Телеграм објави ноќни фотографии од згради со уништени фасади и прозорци.
Руската артилерија, ракети и беспилотни летала речиси секојдневно го напаѓаат регионот Запорожје. Многу домови се уништени, инфраструктурата е оштетена, а десетици луѓе се убиени додека Москва врши притисок врз одбраната на Украина и ги нарушува врските меѓу јужна Украина и остатокот од земјата.
Федоров истакна дека во синоќешниот напад се ранети две лица. Тој додаде дека во последните 24 часа се регистрирани 800 напади врз 18 населени места во Запорошката област, во кои едно лице е убиено, а тројца се ранети.




