СДСМ вечерва прогласи победа во три општини во вториот круг – скопската општина Центар, Македонска Каменица и Зрновци кои заедно со трите општини од првиот круг има освоено вкупно шест градоначалнички места.
Лидерот на партијата Венко Филипче на прес-конференција рече дека ги очекуваат конечните резултати и од уште неколку општини каде разликата е минимална.
Обвини дека во изминатите две недели се вршел огромен притисок врз кандидатите на СДСМ и дека не се бирале средства и методи.
– Во изминатите две недели во очи на вториот круг на изборите се вршеше огромен притисок на сите кандидати на СДСМ во 17 општини, не се бираа средства и методи и тоа само говори дека се соочуваме со истата дестуктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ како во минатото, рече Филипче.
Повтори дека изборите се најдобар патоказ за тоа во која насока ќе се движи партијата и најави кадровски промени следните денови.
Изјави дека не планира да понесе одговорност поради изборните резултати.




