Истражна постапка е покрената против едно лице кое со метална шипка го убил својот пријател и потоа побегнал.
Осомничениот, на 1 ноември попладнето, во близина на угостителски објект во дојранското село Сретеново, со умисла го убил својот пријател Никола Тимев, со кого заедно седеле на скалите и пиеле. Во еден момент меѓу нив настанала вербална расправија која преминала во физичка пресметка.
Осомничениот го удирал оштетениот со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќе од десетина скршеници на раце, нозе и на черепот. Од ударите кои траеле речиси половина час, оштетениот не успеал да се одбрани и се здобил со тешки телесни повреди и обилно крварење, а осомничениот го оставил на скалите и побегнал.
Повредениот го забележале случајни минувачи кои повикале Итна медицинска помош и тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, но починал како резултат на здобиените повреди.
Доставен е предлог за да му се определи притвор бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ја попречува постапката со влијание врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истрагата.
дома Македонија Црна хроника Истрага за убиство во Сретеново, го тепал со метална шипка пријателот и...




