По повеќе од два месеци нема епилог во врска со наводите за непотребно извршени интервенции на срце во приватни здравствени установи кои ги испитува интерната комисија во Министерството за здравство. Досега се пристигнати околу 25 претставки, останува да се разгледаат уште седум или осум. Од интерната комисија формирана по наводите беше најавено дека ќе бидат вклучени и странски доктори, експерти, но не се прецизира кога тие ќе пристигнат во земјава, пренесе Независен.мк.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека кога ќе завршат со разгледување на тие претставки ќе излезат на прес-конференција и дека во моментов кога официјално изборите ќе завршат тогаш ќе можат процедурата да ја почнат од Министерството.
Појасни дека освен таа неформална комуникација немале формална комуникација со договор со Комисијата, односно официјална средба со членовите.
– Уште седум наоди треба да се анализираат. Знаете дека тие процеси бараат време. Прво тие експерти се и така во мал број за нашата земја. Освен оваа работа тие дневно имаат активности во амбуланта и операционите сали…
После таа фаза, нагласи министерот, наредната фаза е со тројцата експерти кои ќе бидат вклучени за консултации со внатрешните експерти за да може тој еко систем да се затвори и да може после тоа како Министерство да креираат нови политики за тие здравствени системи.
На прашање дали приватните болници сега ги пријавуваат сите интервенции кои ги прават бидејќи од 15 септември требаше да бидат задолжителни, рече дека модулот за пријавување е отворен меѓу приватните болници и интегрираниот систем и дека процесот е активен.



