дома Македонија Политика Филипче-Регионот оди напред, а ние остануваме слепо црево на Балканот

Филипче-Регионот оди напред, а ние остануваме слепо црево на Балканот

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ испраќа јасна порака за насоката во која се движи државата под актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија, наместо да чекори со земјите од регионот кои напредуваат, е во групата со Косово, Молдавија, Украина и Босна и Херцеговина, далеку од динамиката која ја има Албанија, Црна Гора, порача претседателот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конфеернција.

– Државата е во целосен застој, а европскиот пат е сведен на празна реторика. Не постои напредок во ниту една област, а во делови има и назадување – изјави Филипче.

Позитивен напредок има само во четири области, а во осум нема поместувања, вели тој и додава дека особено загрижува ниската оценка во економијатa

– Реформската агенда не се спроведува, обврските се неисполнети, а државата губи пари од ЕУ. Недозволиво е да нема буџет за спроведување на реформите кои се клучни за европскиот процес. Во демократијата нема напредок, Собранието е блокирано, а уставните измени, кои се клучни за старт на преговорите, не се ни разгледуваат. Во судството независноста останува поткопана, а борбата против корупцијата е во застој. Јавната администрација функционира со 60 отсто закони донесени по скратена постапка, без јавни дебати и комуникација со експертската јавност. Во образованието финансирањето е намалено, а резултатите кај учениците се влошуваат. Во животната средина и земјоделството недостигаат клучни закони. Во даночниот систем доцнењата на повратот на ДДВ се алармантни – додаде тој.

Според него, Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема визија, ниту капацитет да ја води државата напред и додека регионот оди напред, Филипче вели дека Македонија ризикува да остане слепо црево на Балканот.

ПредходнаМерки на претпазливост за возачот кој го прегази Јорго Ќука
СледнаПочина уште едно лице од пожарот во Тузла, бројот на жртви се зголеми на 12