дома Граѓански Доделување на наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2025

Доделување на наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2025

  Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, денеска организираат церемонија за доделување на Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2025 за најдобра истражувачка сторија во Северна Македонија за изминатата година.

Доделување на наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2025Како што соопшти Делегацијата на ЕУ, официјално обраќање на церемонијата ќе имаат ЕУ амбасадорот Михалис Рокас и претседателот на жири-комисијата за наградата на ЕУ за истражувачко новинарство, Валентин Нешовски.

Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција е основана од Европската Унија во 2015 година со цел да ги промовира извонредните постигнувања во истражувачкото новинарство, како и да го истакне квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција.

На конкурсот можеа да се пријават истражувачки стории објавени од медиуми во Северна Македонија во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, во кои се обработуваат теми од слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќ и фундаментални права, корупција и организиран криминал.

Наградниот фонд во секоја од седумте земји за 2025 (за истражувачки стории објавени во 2024 година) изнесува 10.000 евра. Првата награда изнесува 5.000 евра, втората 3.000 евра и третата 2.000 евра.

Жири комисијата за ЕУ наградите за истражувачко новинарство се состои од медиумски експерти, некои од нив од членовите на проектниот конзорциум, како и од мрежата на конзорциумот составена од реномирани новинари, уредници и членови на академската заедница.

Настанот ќе се одржи во Europe House, Скопје, со почеток во 19 часот.

ЕУ наградата за истражувачко новинарство е координирана од Томсон медија, а во земјава имплементирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како дел од проектот „Зајакнување на квалитетното новинарство на Западен Балкан и во Турција 2“. Проектот е финансиран од ЕУ, а спроведуван од конзорциумот составен од Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) – Северна Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Северна Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово). 

ПредходнаУкраина нападна клучна рафинерија длабоко во Русија
СледнаВучиќ: Не лутете се, граѓаните на Србија заслужуваат повеќе, повторно повикувам на дијалог