Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ги одбил жалбите на одбраните и го потврдил притворот на сега веќе поранешниот в.д. директор на „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, и на управителот за отпад во јавното претпријатие, Аки Саити, информираа денеска од Судот.

Претходно, на 28 октомври, Кривичен го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи по 30 дена притвор на Рустеми и на Саити поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, на што нивните бранители вложија жалба, за која во оваа фаза од постапката одлучуваше Кривичниот совет на првостепениот суд.
Рустеми и Саити, односно нивните адвокати, одлуката за мерката притвор можат да обжалат и пред Апелацискиот суд.
Инаку, против поранешниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие и управителот за отпад, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага откако неодамна главниот град беше преплавен со смет. Ситуацијата предизвика и политички препукувања меѓу двата круга од локалните избори.
Обвинителството ги гони Рустеми и Саити за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230, став 1, од Кривичниот законик (КЗ) или народски кажано за несобирање на ѓубрето кое го загорози здрвјето на скопјани за време на локалните избори




