дома Македонија Политика Рокас: Трета година по ред немате напредок во судските реформи, потребно е...

Рокас: Трета година по ред немате напредок во судските реформи, потребно е да се спроведат поодлучно

Поминавте долг пат, основата ја имаме, а сега е време да ги надградиме со нова обединетост и посветеност, рече Рокас

Фото: Влада на РСМ

Сега е време да се искористи можноста да се забрзаат реформите и да се спроведуваат поодлучно. Има одреден напредок од лани, но е потребна поголема посветеност од целиот политички спектар, кажа денеска ЕУ амбасадорот Михалис Рокас, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски по повод објавата на новиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Рокас нагласи дека трета година по ред нема значителен напредок во судските реформи и борбата против корупцијата, што е темел за довербата на граѓаните. Тој додаде дека е неопходна финансиска независност на судството, измени во Кривичниот законик, забрзување на реформите и завршување на именувањата и назначувањата.

„Го поздравуваме фактот дека земјата ги развива мапите за владеење на правото, јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и планот за заштита на малцинствата, кои се клучни чекори за отворање на кластерот Основи. Очекуваме усвојување на овие документи за да продолжиме со евроинтегративниот процес“, нагласи Рокас.

Потсетувајќи дека извештајот доаѓа по локалните избори во земјава и по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, Рокас најави дека неговиот тим годинава ќе го претстави пакетот за проширување и во други градови во земјата, за да допре до што е можно повеќе граѓани.

Според Рокас, извештајот дава потребни препораки за одржување на земјата на патот кон ЕУ.

„Се соочуваме со брзоменувачки геополитички пејсаж и само со обединување на Европа ќе обезбедиме мир, слобода и просперитет на нашиот континент“, истакна Рокас.

Тој додаде дека и покрај бавниот напредок во одредени области, задачата е јасна и работата треба да почне веднаш, оти ЕУ ја поддржува земјата во овој процес. Рокас истакна дека брзото проширување на ЕУ е заедничка цел и ја поздрави улогата на Северна Македонија како доверлив партнер, усогласен со безбедносната и надворешната политика на Унијата.

„Поминавте долг пат, основата ја имаме, а сега е време да ги надградиме со нова обединетост и посветеност. Заедно ја споделуваме истата визија за иднината, земјата ќе го заземе своето место во европското семејство“, заклучи Рокас.

ПредходнаПоскапеа кафеаните
СледнаНа 8 ноември во МКЦ: Трибјут Фест со три големи трибјут бендови