Новоизбраниот градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и досегашната градоначалничка Данела Арсовска извршија примопредавање на функцијата. На примопредавањето Ѓорѓиевски и подари цвеќе на Арсовска.
Во изјава за медиумите, Ѓорѓиевски ја оцени средбата како протоколарна која траела помалку од еден час.
– Ова беше протоколарна средба. Не гледав на часовникот, мислам дека многу помалку од еден час беше после која имаше присуство и на нотар за да го депонираме својот потпис и сè останато. Нормално е во примопредавање да имаме една протоколарна средба, рече Ѓорѓиевски.
Вети темелно чистење на градот, реорганизација на јавните претпријатија, отвореност на градската управа за сите граѓани и ревизија на работата на градската администрација.
– Секој кој се огрешил – ќе одговара. Секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Арсовска му посака чесно и посветено да го води градот.
– Ви благодарам на сите за континуираната поддршка, особено во мојата борба против организираниот криминал и корупцијата во градот, мисија во која ќе продолжам за да победи правдата, да понесе одговорност Висар Ганиу кој со својата организирана криминална банда до денес загрозува животи на илјадници наши сограѓани, напиша Арсовска на Фејсбук.




