Реконструкција на Владата, барем според денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, наскоро ќе нема. Тој очекува да добие имиња за испразнетите места во Владата, но и негира дека Влен ќе добие уште едно министерско место.
– Сеуште не сум седнал да размислувам на таа тема, фокусирани сме на редовниот партиски конгрес. Очекувам за испразнетите места во најскоро време да добијам имиња дали тие имиња се во рамките на тие кои што очекувам да бидат и тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и институциите, потоа партискиот конгрес, потоа во рамки на партијата реконстркција, и паралелтно со тоа ќе почнат размислувања околу одредени ресори. Ова ќе биде процес којшто ќе трае, нема да биде од денес за утре, рече Мицкоски.
Тоа што првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити замина на градоначалничкото место во општина Чаир, Мицкоски вели дека тоа не значи оти Влен ќе добие место плус во Владата.
– Тоа што Меџити сега ќе биде градоначалник не значи дека нашиот коалициски партнер ќе има ресор повеќе. Имам високо мислење за Беким Сали, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет. Сега сме фокусирани на Конгресот на 6. декември во Кавадарци, потоа на формирање на партиска структура, извршен комитет и други структури и во меѓувреме ќе размислуваме за кадровски поместувања во Владата. Мандатар сум јас, нормално е дека последниот збор ќе го имам јас, вели Мицкоски.




