ПРИПАДНИЦИ на словенечката армија од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, кој го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, полицијата ќе биде ослободена од своите должности поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Член 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница, со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечката армија да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе ги растерети полициските единици од југоисточна Словенија.
Според Главната полициска управа, до 40 припадници на словенечката армија ќе учествуваат во заштитата на државната граница. Соработката моментално е планирана на границата во подрачјето на Полициската управа Ново Место, но доколку е потребно, може да се прошири и на други полициски одделенија кои се најмногу оптоварени со проблемот со нелегалната миграција, објаснија тие.
„Кога овие 40 полицајци ќе бидат префрлени во Полициската управа Ново Место, односно на терен со цел одржување на редот и мирот, ќе има кадровска празнина на границата, а таа кадровска празнина ќе ја пополни армијата со своите 40 припадници“, објасни тој.
Полицијата секој месец ќе известува за потребата од активирање на член 37 од Законот за одбрана, а одлуката на владата е важечка до нејзиното отповикување. За потсетување, Ново Место неодамна беше потресено од убиството на 48-годишен маж пред локален ноќен клуб. Убиениот Алеш Шутар беше претепан од група Роми ноќта помеѓу 24 и 25 октомври околу 2:30 часот наутро, откако пристигнал да го земе својот син, на кого претходно му се заканувале.




