дома Бизнис По случајот со директорот на АПЗРР во ризик средствата од ИПАРД, тврдат...

По случајот со директорот на АПЗРР во ризик средствата од ИПАРД, тврдат од СДСМ, министерот вели нема опасност

Случајот со директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој го доведува во прашање користењето на ИПАРД средствата, предупредуваат од опозициската СДСМ. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски тврди дека нема опасност по ИПАРД средствата и по националните плаќања.

Љупчо Николовски од СДСМ, кој беше поранешен министер за земјоделство, вели дека по случајот во Агенцијата се доведуваат во прашање 128 милиони евра и дека според нивните сознанија, ЕУ планира стопирање на ИПАРД 3 програмата во земјава.

– Големиот скандал со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го докажува она на што постојано укажувавме, вистинската слика за ова владеење: држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри. Овој скандал, според информациите коишто ги имаме, веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија, изјави денеска Николовски.

Губењето на правото на користење на европските средства, според Николовски, ќе го закочи целиот развој и ќе ја намалат конкурентноста на домашниот и европскиот пазар.

– Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, поддршката од ЕУ е под знак прашање. Во 2017 година затекнавме иста состојба, државата беше на раб да го изгуби европското финансирање во земјоделството, со само 12 проценти искористеност на средствата, рече Николовски.

Министерот за земјоделство, па тврди дека нема опасност по средствата од ИПАРД програмата. Тој во изјава за медиумите денеска ги повика надлежните докрај да ја завршат истрагата, а приведувањето на директорот на Агенцијата, според него е показател дека владата води неселективна борба против криминалот и корупцијата.

– Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаков активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај до крај затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина. Воедно, ги повикувам сите граѓани, без разлика дали се правни или физички лица, доколку имаат индиции за вакви случаи, да ги пријават затоа што само на тој начин можеме да делуваме на некакви девијантни или противзаконски дејствија, рече Трипуновски.

Опозицијата побара и оставка од министерот Трипуновски, но тој на ова вели дека не гледа никаква поврзаност и дека Агенцијата е посебно тело со посебен менаџмент.

– Агенцијата е посебна институција, која има посебен менаџмент, посебно управувачко тело така што не гледам никаква поврзаност. Затоа апелирам овој случај да се истражи докрај и доколку има одговорност да се делува согласно законот, изјави Трипуновски.

Предходна10 начини да се спречи натрупување на прашина дома
СледнаЖена физички малтретирана од сопругот во светиниколско