Јапонија ја прекори Кина поради „крајно несоодветните“ забелешки на еден од нејзините дипломати за јапонската премиерка Санае Такаичи, откако таа посочи дека Токио би можел да преземе воена акција доколку Пекинг го нападне демократски управуваниот Тајван, објави Ројтерс.
Генералниот конзул на Кина во Осака, Сјуе Џијан, во саботата изјави дека „немаме друг избор освен да му го пресечеме вратот на оваа валканица што нè нападна без двоумење. Дали сте подготвени?“ Неговата објава на социјалните мрежи X вклучуваше статија во весникот Асахи во која се споменуваат зборовите на Такаичи.
Главниот секретар на кабинетот на Јапонија, Минору Кихара, денес нагласи дека Сјуе дал „бројни несоодветни изјави“ и дека Јапонија постојано барала од Пекинг да преземе соодветни мерки.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, на редовната прес-конференција изјави дека објавувањето на Сјуе е одговор на „неточните и опасни“ зборови на Такаичи за Тајван и го повика Токио „сериозно да ги разгледа своите историски одговорности“.
Такаичи, тврдокорен конзервативец, во петокот пред парламентот изјави дека нападот врз Тајван од страна на Кина може да се смета за „ситуација што го загрозува опстанокот на Јапонија“ – правен термин воведен во 2015 година што им овозможува на јапонските премиери да ги распоредат Силите за самоодбрана на земјата.
Досега, јапонските премиери избегнуваа да го споменуваат Тајван кога јавно дискутираа за сценарија што би можеле да предизвикаат воен одговор.
Таа таму се сретна и со кинескиот претседател Си Џинпинг, при што двајцата лидери се согласија да се стремат конструктивни и стабилни односи.
Една од нејзините први акции како премиер беше да го забрза градењето на одбранбени сили насочени кон одвраќање на воените амбиции на Пекинг во Источна Азија.
Денес, Такаичи рече дека нејзините зборови се „хипотетички“ и дека ќе се воздржи од повторно давање такви коментари во парламентот.




