Британско-унгарскиот автор Дејвид Салај ја освои овогодинешната награда Букер за својот роман „Месо“, кој жирито го опиша како „извонредна и посебна“ книга.
Романот го прикажува животот на заводлив и емоционално дистанциран човек кој поминува низ различни фази од својот живот – од унгарски станбен комплекс до светот на ултрабогатите во Лондон, објавува Би-Би-Си.

Претседателот на жирито, авторот Роди Дојл, рече дека книгата е „уникатна и мрачна, но исклучително пријатна за читање“.
Меѓу членовите на жирито беше и актерката Сара Џесика Паркер.
Критичарите го оценија романот како „претежно позитивен“.
„Гардијан“ го опиша како „брилијантно оскуден портрет на човек“, а „Сандеј Тајмс“ ја пофали способноста на Салај да „раскаже три фази од современиот човек во еден лик“.
Жирито особено го пофали минималистичкиот стил на пишување, оскудниот дијалог и употребата на празен простор на страницата.
Според Габи Вуд, извршен директор на Фондацијата за наградата Букер, жирито го оцени романот како „дисциплиниран, искрен и тажен“.
Наградата Букер е најпрестижната книжевна награда за фикција во Велика Британија, која се доделува на романи напишани на англиски јазик.
Меѓу претходните добитници се Салман Ружди, Маргарет Атвуд, Бернардин Еваристо, Хилари Мантел и Даглас Стјуарт.



