Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал на воздухопловните сили Фабиен Мандон, денес изјави дека вооружените сили на земјата се подготвуваат за можна војна со Русија, за што зборуваше и во своето обраќање пред францускиот парламент, кога предупреди дека армијата мора да биде подготвена за можен конфликт со Русија во рок од три или четири години.

Во интервју за „Квест Франс“, Мандон рече дека францускиот претседател Емануел Макрон го замолил да предложи опции за да се обезбеди континуирана заштита на францускиот народ и интересите на земјата, за што зборувал и во своето обраќање пред Комитетот за одбрана на францускиот парламент на 22 октомври.
„Ги споделив моите забелешки со претставниците на народот за да можеме да ги предвидиме (настаните) и да донесеме правилни одлуки. Ја гледам еволуцијата на Русија – во 2008 година ја нападна Грузија, во 2014 година го анектираше Крим, во 2022 година беше Украина. Русија ја гледа Европа како слаба. Знам дека се реорганизира воено за да може да се вклучи во борба против земјите од НАТО. Мораме да се подготвиме за тоа“, рече Мандон.
На прашањето кои докази го доведоа до таков заклучок, Мандон рече дека тоа е комбинација од различни траги и разузнавачки информации.
„Оваа проценка ја делат и нашите блиски сојузници. Шефот на германската разузнавачка служба неодамна зборуваше за тоа, перцепцијата на Германија е иста како нашата, а и на Британците. Претседателот на Здружениот штаб на САД е исто така исклучително загрижен за Русија и нејзините сè поблиски врски со различни сили – Иран, Кина и Северна Кореја. Севернокорејците се борат против Украина на нашиот континент. Русија веќе го глобализираше украинскиот конфликт“, истакна Мандон.
Тој рече дека француските сили, во подготовка за потенцијален конфликт со Русија, редовно учествуваат во вежби од голем обем во услови на многу сериозни борби со противник кој има голема моќ, како што е Русија.
Мандон најави организирање на нова вежба следната година, наречена „Орион 2026“, во која ќе учествуваат француските вооружени сили, како и сојузничките земји.
Генералот рече дека верува оти вклучувањето на целото француско општество е клучно за заштита од агресија од друга земја.
„Шок од ваков вид бара многу повеќе од само вооружените сили, туку и поддршка од целата земја. Русија ги проучуваше нашите општества и знае дека нашата сила лежи во единството. Ако успее да нè фрагментира и подели, може да победи“, рече Мандон. Како неколку примери за обиди за дестабилизација на француското општество, тој ги наведе лажните ковчези што беа поставени пред Ајфеловата кула во јуни и свинските глави што беа поставени пред неколку џамии во Франција на почетокот на септември.




