
– Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, рече дека во моментов се прават анализи колкав ќе биде процентот што ќе го добие судството, а споредбите се прават и врз основа на тоа како е регулирано тоа во европските земји.
-Премиерот денеска кажа дека ќе има договор согласно кој ќе има одреден процент кој ќе го добие судството. Притоа морам да напоменам дека правиме анализи во моментов со цел да видиме како е во европските земји, бидејќи за некој процент што зборуваше, е многу повисик во однос на тоа што значи процент издвоен за судство во европските земји, рече Димитриеска Кочоска.
Таа направи споредба со буџетите на судството во изминатите години, како и средствата што тие ги бараат.
– Би сакала да ја искористам приликата да искоментирам дека нивниот буџет во 2025 година бил 2,85 милијарди денари, па потоа со ребалансот 2,74 милијарди денари, за следнава година се на исто ниво како минатата, а притоа морам да напоменам дека барале 5,22 милијарди денари. Значи од 2,7 милијарди барале 5,22 милијарди денари. Притоа лимитот којшто согласно законот за буџети кога се спрема буџетскиот циркулар, секој буџетски корисник добива од Минстерството за финансии лимит во рамки на којшто треба да си ги планира своите расходи. Лимитот им бил 2,99 милијарди денари.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека до крајот на годината ќе бидат донесени реформските закони поврзани со правосудството и бидејќи со нив се бара финансиска независност се анализира како тоа е решено во други земји во Европа, но нагласува оти ќе се бара отчетност за секоја потрошена пара преку Државниот завод за ревизија и собраниската комисија.
Мицкоски кажа дека вчера имал состанок со министрите за надворешни работи и трговија, за европски прашања и за финансии и оти се анализираат неколку модели во рамките на Европската унија. Не можеме, потенцираше тој, ние да бараме 0,8 проценти, а во многу поразвиени земји е 0, 2, 0,3 или 0,4 проценти.