дома Македонија Левица кон крајот на месецов ќе ја свика надзорна расправа за Кочани,...

Левица кон крајот на месецов ќе ја свика надзорна расправа за Кочани, ВМРО-ДПМНЕ прифаќа, но бара проширување со други трагедии

Кон крајот на месецов ќе биде свикана надзорна расправа во Собранието за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, според она што го најавуваат од Левица, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги прифаќа иницијативите и на Левица и на СДСМ, но со барање надзорната расправа да се прошири и на други трагедии.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ денеска го потврди тоа што вчера го објави неговиот лидер Димитар Апасиев, дека пред почетокот на декември ќе биде свикана надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, со присуство на родителите на загинатите.

-Сега сме во момент кога нема оправдувања. Искрено се надевам дека ќе успееме оваа потреба да ја реализираме, за да спречиме во иднина да постојат „темпирани бомби“ во нашето општество, каде што може да настрадаат граѓани, изјави Мециновиќ.

Левица, како што најави, веќе ги собрала потребните потписи за иницијативата.

Надзорна расправа за Кочани бара и СДСМ и се очекува денеска  нивната пратеничка група да поднесе ваква иницијатива во Собранието.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ прифаќа надзор, но бара во пакетот со Кочани да се стават и други трагедии, како пожарот во Модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа во Ласкарци…

– Ние соопштивме дека треба прво да почекаме да заврши судењето, па потоа да влеземе во ваква операција. Но со оглед на тоа дека вчера и СДСМ и Левица укажаа дека ќе поднесат такво барање, ние таквото барање ќе го прифатиме. Но, кога разговараме за една ваква тема, за која што ние исклучиво кажуваме дека е злоупотребувана за некрофилско добивање политички поени, треба ваквата Анкетна комисија да биде проширена и за сите други трагедии, за кои нема ниту кривична, ниту човечка, ниту политичка одговорност, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ почнува утре во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово со засилени безбедносни мерки и присуство на лекарска екипа.

ПредходнаСкопје: 23-годишник три месеци принудувал дете на полови дејствија – се заканувал да не кажува дома
СледнаCloudflare е во прекин, голем број популарни услуги и мрежи се во прекин