„Портретот на Елизабет Ледерер“ од Густав Климт е продаден за рекордни 236,4 милиони долари на аукција, што го прави второто најскапо уметничко дело некогаш продадено на аукција и најскапото дело на модерна уметност понудено на јавна продажба.

Ова масло на платно, високо речиси два метра, е насликано од австрискиот уметник помеѓу 1914 и 1916 година, на кое е прикажана младата наследничка Елизабет Ледерер облечена во кинески плашт, пишува денешен „Гардијан“.
На аукцијата во вторник вечерта, шестмина понудувачи се натпреваруваа околу дваесет минути, а аукциската куќа „Сотбис“ не го откри идентитетот на купувачот.
Сликата била украдена од нацистите за време на Втората светска војна и речиси уништена во пожар, но во 1948 година му била вратена на братот на Елизабет, Ерих, кој бил чест мотив во делата на Егон Шиле, пријател на Климт.
Останала во негова сопственост до 1983 година, кога ја продал, две години пред неговата смрт.
Сликата е еден од само двата комплетни портрети на Климт кои сè уште се во приватни раце.
Се очекувало делото да достигне цена од повеќе од 150 милиони долари, но ги надмина сите проценки на аукцијата.
Продажбата на „Портрет на Елизабет Ледерер“ постави нов рекорд за Климт, надминувајќи ја цената од 108 милиони долари постигната во 2023 година за „Дамата со ладалка“.
Најскапото уметничко дело некогаш продадено на аукција останува „Спасител на светот“ на Да Винчи, кое достигна цена од 450,3 милиони долари во 2017 година.




