Ова им се придружува на платформите како што се Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Снепчет, кои ќе мора да обезбедат лицата под 16 години да не можат да отвораат нови сметки, додека постојните ќе бидат затворени од 10 декември.
Австралискиот интернет регулатор, кој го надгледува спроведувањето на забраната, објасни дека Twitch – во сопственост на Amazon – е вклучен бидејќи неговата примарна цел е „онлајн социјална интеракција“, каде што корисниците се охрабруваат да разговараат едни со други за објавена содржина.
Портпаролот на Twitch потврди дека Австралијанците под 16 години нема да можат да отворат сметка од 10 декември, а од 9 јануари постојните сметки на помладите корисници ќе бидат деактивирани.
Заштита на децата од онлајн притисоци
Објаснувајќи ја одлуката, комесарката за е-безбедност Џули Инман Грант рече дека Twitch е „платформа што најчесто се користи за пренос во живо или објавување содржина што им овозможува на корисниците, вклучително и австралиските деца, да комуницираат со други во врска со објавената содржина“.
Таа додаде дека не се очекува да се додадат повеќе платформи на листата пред да стапи на сила забраната следниот месец.
Владата претходно изјави дека целта на забраната е да се намалат „притисоците и ризиците“ на кои децата може да бидат изложени на социјалните мрежи, вклучително и штетната содржина.
Што е Twitch и како функционира?
Основан во 2007 година, Twitch е популарна платформа за пренос во живо, каде што корисниците најчесто играат видео игри и разговараат со гледачите во исто време.
Минатата година, платформата воведе промени во поделбата на приходите со креаторите, дозволувајќи им на стримерите да заработуваат пари преку претплати на обожавателите на нивниот канал. Приходите, откако ќе се намират надоместоците, се делат подеднакво помеѓу Twitch и креаторите.
Правилата на Twitch забрануваат користење на платформата од страна на лица под 13 години, додека корисниците на возраст меѓу 13 години и полнолетство можат да се приклучат со дозвола од родител или старател.
Строги казни и нејасно спроведување
Џули Инман Грант, исто така, во петокот појасни дека Pinterest, каде што корисниците креираат онлајн табли со слики, нема да биде вклучен во забраната бидејќи неговата примарна цел не е онлајн социјална интеракција. Наместо тоа, платформата „почесто ја користат поединци кои собираат слики за инспирација и курирање идеи“, рече таа.
Оваа австралиска забрана, прва од ваков вид во светот за лица под 16 години, ги вклучува и YouTube, Reddit, Kick, Threads и X.
Забраната им наредува на технолошките компании да преземат „разумни чекори“ за да ги спречат лицата под 16 години да ги користат нивните платформи, или ќе се соочат со казни до 49,5 милиони австралиски долари.
Порано оваа недела, „Мета“ – сопственикот на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Тремс“ – објави дека ќе започне со затворање на сметките на тинејџери под 16 години уште од 4 декември, една недела пред забраната да стапи на сила.
Сè уште не е јасно како компаниите ќе ја спроведуваат забраната, но некои од опциите вклучуваат користење лични карти, препознавање на лице или глас и методи за одредување на возраста врз основа на онлајн однесувањето и интеракциите.




