Истражувањата откриваат негативни ефекти од социјалните медиуми
Во студија од 2020 година со кодно име „Проект Меркур“, научниците од Мета соработуваа со истражувачката фирма Нилсен за да го проценат влијанието од „деактивирањето“ на Фејсбук и Инстаграм, според документите на Мета добиени за време на судската постапка, објави Ројтерс.
На разочарување на компанијата, „луѓето кои престанале да го користат Фејсбук една недела пријавиле помалку чувства на депресија, анксиозност, осаменост и социјална споредба“, се наведува во интерните документи.
Наместо да ги објави тие резултати или да продолжи со дополнително истражување, во поднесеното барање се наведува дека „Мета“ ја запрела понатамошната работа и интерно изјавила дека негативните резултати од истражувањето биле компромитирани од „постоечкиот медиумски наратив“ за компанијата.
Вработените изразија загриженост
И покрај ова, вработените приватно го уверуваа Ник Клег, тогашниот раководител на одделот за глобална јавна политика на „Мета“, дека заклучоците од истражувањето се валидни.
И покрај сопствените докази за причинско-последична врска помеѓу нејзините производи и негативните ефекти врз менталното здравје, во поднесената тужба се тврди дека „Мета“ му кажала на американскиот Конгрес дека нема начин да ги квантифицира штетите од своите производи врз тинејџерките.
Во соопштение објавено во саботата, портпаролот на „Мета“, Енди Стоун, изјави дека студијата е запрена бидејќи нејзината методологија е погрешна и дека компанијата работи вредно за подобрување на безбедноста на своите производи.
„Целосниот запис ќе покаже дека повеќе од една деценија ги слушаме родителите, ги истражуваме најважните прашања и спроведуваме вистински промени за заштита на тинејџерите“, изјави портпаролот на Мета, според Ројтерс.




