дома Македонија На уставните мора да се работи, но сега поважно е да се...

На уставните мора да се работи, но сега поважно е да се адресира нашата загриженост, ја коментираше Муртезани стопроцентната увереност на Агелер

По изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека е сто проценти убедена дека се работи на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска не ја одрече нивната важноста, ниту дека на нив мора да се работи, но не во моментов, затоа што се уште нема одговор на дилемите и загриженоста на македонската страна.

„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, меѓутоа како што нагласив во моментов не може ние да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да можеме на европски начин да градиме задничка европска иднина иднина“, рече министерот за европски прашања.

Агелер, гостувајќи во студиото на ТВ21, рече дека е убедена дека се работи на прашањето со уставните измени, кои треба да го откочат процесот за членство во Европската унија.

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени“, вели Агелер и додаде дека не верува оти Владата не презема ништо околу ова прашање.

„Знам дека работат напорно во Брисел и во другите европски престолнини за да изнајдат решение“, рече амбасадорката.

Агелер потенцираше дека процесот е сложен, но и дека се работи на отпочнување на процесот.

„Секогаш сум зборувала дека навистина верувам оти оваа држава мора да биде во Европската унија, и за да се случи тоа мора да се испочитуваат процеси. Јас не учествувам во преговорите, но можам да ви кажам дека се водат разговори кои го поплочуваат патот. Ме охрабрува тоа што гледам дека активно разговараат за отпочнување на процесот. Не е потребен само еден глас за Уставот“, рече Агелер.

 

ПредходнаПрво да ги затоплиме односите, па ќе размислуваме за трет протокол или за друг начин со Софија, вели Муртезани
СледнаИзраелски напад во јужна Сирија,10 убиени, меѓу кои и 2 деца