Четириесет и осумгодишен струмичанец од селото Просениково во средата во семејниот дом се обидел да ја убие сопругата прво со течност која сакал да и ја вбризга во устата, а потоа со нож и нанел посекотини во близина на каротидната артерија на вратот.
Против него, е поднесена кривична пријава за убиство во обид, а од страна на јавен обвинител е побарано да му се одреди мерка притвор.
Осомничениот ја фатил за главата спроугата и со шприц се обидел насилно да и вбризга во устата одредена течност, најверојатно пестицид по што жената почнала да го турка и да вика. Тоа го слушнале нивните две малолетни деца кои се обидувале да ја одбранат мајка им по што жената успеала да влезе во бањата, но осомничениот влегол по неа, ја турнал во кадата и ја притиснал со коленото, па со нож започнал да и нанесува посекотини на вратот во близина на каротидната артерија. Децата повикале други роднини кои успеале да го оттргнат.
Во својот исказ пред јавниот обвинител жената потврдила дека подолг временски период била жртва на физичко и психичко семејно насилство од сопругот, но не се осмелувала тоа да го пријави.




