дома Македонија Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ми е како трето дете, но ако ја добијам...

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ми е како трето дете, но ако ја добијам довербата од делегатите тоа ќе биде мојот последен мандат како претседател на партијата

Христијан Мицкоски

„Имам два сина, мене ВМРО-ДПМНЕ ми е, буквално, како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, вели актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски во интертвју за а „360 степени“ на МРТ 1.

В сабота  во Кавадарци владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи редовен изборен конгрес. На конресот се очекува реизбор на Мицкоски за лидер на партијата.

Тој вели дека нема информација дека ќе има и втор кандидат за челната партиска позиција.

„Па, тоа е еден континуитет што започна кога беше валандовскиот конгрес. Јас официјално партијата ја презедов на почетокот на 2018 година во една многу тешка и сложена ситуација, во многу тешки и сложени околности за Македонија и генерално за граѓаните. Ако мојот прв мандат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа времето на консолидирање, реструктуирање и прегрупирање на внатрешните редови, потоа тоа продолжи во вториот мандат кога партијата победи убедливо на парламентарните и на претседателските избори. На крајот од првиот мандат победивме убедливо на локалните избори и враќање во позиција во која денеска се наоѓаме, ВМРО-ДПМНЕ да биде најголемата политичка партија и веќе еве година и половина носител на владата. Очекувам третиот мој мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во држават“, рече Мицкоски.

На прашањето дали по конгресот се планирани промени во раководството на партијата, на пример, дали евентуално се планира промена на позицијата генерален секретар, Мицкоски одговори дека сè уште не размислувал за тоа.

„Фокусирани сме на конгресот и на тоа што таму како документи ќе го донесеме и одлуки за функционирање на партијата, но дека после конгресот ќе има промени во рамките на партијата, да, ќе има“, одговори тој.

Нема конечна одлука, како што рече и во однос на евентуални промени на потпретседателските места, во моментов четири на број.

Во случај да не се менува партискиот Статут, а државата оди на редовни парламентарни избори, тие би требало да се случат во 2028 година а на прашањето ако ВМРО-ДПМНЕ и натаму е на власт, а тој е премиер, но го пресретне 2029 година во која му истекува мандатот како лидер на партијата, дали тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе има нов лидер, ќе значи дека Владата ќе има нов премиер тој изрази уверување дека партијата повторно ќе победи и ќе добие нов претседател.

„Јас силно верувам дека на следните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува голема победа повторно, затоа што ценам дека полека завршуваме со периодот на консолидирање на состојбата во државата и доаѓаат годините на просперитет и раст. Впрочем, првите индикатори во економијата тоа и го говорат, а со тоа и подобар живот за граѓаните, подобар стандард. И ценам дека на тој начин ќе ја заслужиме довербата на следните парламентарни избори, еве вие ги споменавте редовните, во 2028 година. Нормално, во 2029 година партијата ќе добие, на редовниот партиски конгрес, нов претседател. Но, дали едното со другото се во фрикција? Јас не мислам дека се едното со другото во фрикција. И во овој момент е предалеку да се зборува за 2029, 2030 година за да можам да кажам дали тоа ќе подразбере и мое повлекување од позицијата претседател на Владата. Но, едно е сигурно, дека во таа 2029 година, на тој редовен изборен партиски конгрес, ВМРО-ДПМНЕ ќе добие нов претседател“, одговори Мицкоски.

За тоа дали тоа би значело крај на неговиот активен ангажман во политиката Мицкоски рече дека за тоа е предалеку да се зборува од денешна перспектива.

Во однос на тоа дали по истекувањето на вторит партиски претседателски мандат за него е опција кандидатура за шеф на државата Мицкоски одговори:

„Ќе повторам, за мене ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од партија. Зборувам за моето лично чувство – семејство, дури отидов и чекор понапред. И тука нема дилема. Но, околу мојот принципиелен став, луѓето што ме познаваат знаат дека тој е конечен кога станува збор за лидерството во рамките на партијата. А за сето останато, реков, прерано е да се зборува. Што се однесува до моја кандидатура евентуално за претседател на државата, тие што ме знаат и го знаат мојот карактер, знаат дека јас немам таква амбиција и мислам дека и тоа сценарио го исклучувам од мојот политички ангажман во иднина“, рече Мицкоски.

ПредходнаПробиен законскиот рок за исплата на скенираните сметки, според УЈП се работи за технички проблем
СледнаМицкоски го повика обвинителството да го истражи случајот со набавката на лиценци од фирмата „Дигитал оне“