дома Локално Ѓорѓиевски за одземените надлежности на раководители на сектори во Град Скопје: Најмногу...

Ѓорѓиевски за одземените надлежности на раководители на сектори во Град Скопје: Најмногу верувам на мојот потпис и на мојата рака

„Ќе има ревизија, одредени институции веќе се занимаваат со состојбите во Град Скопје и со одредени постапки од минатото и на крајот на денот, јас имам најмногу доверба на мојот потпис и на мојата рака, рече градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма за одземените надлежности на раководители на сектори во институцијата со која раководи. Таквата одлука со која се опфатени, како што рече, 23 раководители на сектори, ја оцени како добра.

Орце Ѓорѓиевски

„Додека се направи една целосна, компактна, целина од тим кој што вклучува и одредени лица кои што би влегле од надвор, тоа се дел од луѓето кои во минатото беа дел од мојот тим во Кисела Вода, тогаш би можеле да одиме кон тоа да се дадат целосни овластувања на секторите. Дотогаш јас сум тој кој потпишува“, порача Ѓорѓиевски.

Новиот скопски градоначалник рече и дека во Град Скопје затекнал превработеност на хигиеничарки и возачи.

„Дваесет и пет хигиеничарки не ми требаат мене. Еве не ми требаат 25 хигиеничарки, но има во Град Скопје. Десетина шофери не ми требаат, еве сам се возам уште. Се возев во Кисела Вода сам, се возам и сега. Најбезбедно се чувствувам така. Тоа мое лично право на избор. Нема ниту обезбедување, имам соработник кој што ми помага околу ова“, порача Ѓорѓиевски.

Тој најави дека од среда ќе почне инспекција на дивите такси превозници.

Угостителските објекти во Скопје, пак, до Нова година ќе треба сами да обезбедат контејнери за одлагање на отпад и да организираат негово редовно собирање.

„Толеранција нема да има“, порача Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека со потпишувањето на договорите меѓу угостителите и ЈП „Комунална хигиена“ јасно ќе бидат утврдени обврските на двете страни.

 

„Сите тие имаат дејност за која наплаќаат од граѓаните. Од друга страна, граѓаните си плаќаат за уредно да го одлагаат отпадот во контејнери. Не може некој да биде држен во сива зона“, изјави Ѓорѓиевски.

 

ПредходнаМицкоски го повика обвинителството да го истражи случајот со набавката на лиценци од фирмата „Дигитал оне“
СледнаАналитичар: Американската воена индустрија уживаше во европскиот Црн петок