дома Култура Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје

Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје

  Во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, Музеј на град Скопје, вечер со почеток во 19 часот ќе се отвори годишната изложба на дела на Родољуб Анастасов од колекцијата на галерија „Јустина и Родољуб Анастасов“ – 2025, Музеј на град Скопје, соопштија од установата.

Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје– Станува збор за презентација на 30-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Анастасов, што се дел од колекцијата на галерија „Јустина и Родољуб Анастасов“, вредна донациска збирка што брои околу 400 дела што потекнуваат од различни временски периоди – од 1957 до 2010 – и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов. Овогодишната изложба претставува еклектичен избор од неколку циклуси на Анастасов, слики од циклусот на кој му е најдолго посветен – „Човек и простор“, импресивните цртежи од циклуситe „Почеток“, „Делување на елементите“, „Промена на обликот“, „Трансфигурирање“, сите изведени во техника – туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година и што припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија, се наведува во соопштението.

Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контраст, како што се додава, Анастасов ги изнесува со симболичен, психолошки набој што го карактеризира неговото творештво.

– Меѓу строгоста на формата и меланхолијата, тој го истражува просторот во и околу човекот, надворешниот – реален и физички и внатрешниот – имагинарен и метафизички. Како контратежа на сцените со раздвижени толпи на луѓе во кои речиси можете да го слушнете уличниот џагор, се насликани тивките, осамени, широки пространства во кои човекот е изолиран и сам како во пустина. Понекогаш авторот се става во улога на тивок и дистанциран набљудувач на светот околу него, свет што се наоѓа надвор од неговиот прозорец…, пишува во соопштението.

Се додава дека со огромна сугестивност и поетика, Анастасов ја слика драматиката и динамиката на животот, неизвесноста на времето во кое живееме, секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри.

– Следејќи ја досегашната концепција на поставки и оваа изложба е годишна, односно ќе биде поставена и ќе трае во временскиот период – од декември 2025 до декември 2026, во галерија „Јустина и Родољуб Анастасов“, Музеј на град Скопје, потенцираа од установата.

ПредходнаБез струја дел од ул. „Хелсинки“ во Карпош
СледнаСтаросна, семејна, воена..во октомври бројот на пензионери достигна 346.386. Просечната пензија над 27.000 денари