дома Локално За едно деноноќие 110.000 прекршоци во сообраќајот, над 90 проценти за брзо...

За едно деноноќие 110.000 прекршоци во сообраќајот, над 90 проценти за брзо возење

Околу 110.000 прекршоци се евидентирани преку системот „Безбеден град“ за 24 часа, а 90 проценти од нив се за брзо возење. Министерот за внатрешни работи вели дека тоа се катастрофални бројки.

– Околу 1000 прекршоци се однесуваат на нерегистрирани возила, околу 5000 за поминување на црвено, но најстрашното е што над 90 отсто од вкупната бројка е пречекорување на брзина. Тоа се катастрофални бројки, изјави министерот Панче Тошковски.

Сејф сити

Во наредниот период ќе се размислува дали да има толеранција до 10 проценти над дозволената брзина. Во некои земји како Швајцарија, Белгија и други нема никаква толеранција за брзо возење, но има и такви држави каде толеранцијата е до 10 проценти.

-Не би сакал повторно да говорам за тоа што велат експертите и што е праксата и колкав е процентот на луѓе, коишто кога се удрени од страна на возило кое е управувано над 50 км на час гинат секојдневно на улиците. А колкав е процентот на луѓе кои гинат при удар од 30 км на час, а колкав е процентот кои гинат при челен удар со брзина од 70 км на час. Ако се вози 52, а е дозволено 50, тоа е прекршок, а не кривично дело. Но, ако удрите човек со 52 км на час а притоа тој загине, тогаш е кривично дело. Најодговорно тврдам дека не постои сообраќајна незгода со смртни последици која е настаната како последица на почитување на сообраќајни правила, рече Тошковски.

Истакна дека во Европа има примери каде што нема никаква толеранција во брзината, како на пример во Швајцарија, Белгија и други држави. Има и примери, рече тој, каде што толеранцијата изнесува до 10 отсто над дозволената брзина, и оти во наредниот период ќе размислиме како ќе го имплементираме тоа кај нас.

ПредходнаИзборот на новите министри откако ќе заврши дебатата за Предлог – буџетот 2026
СледнаПриведена Федерика Могерини