Лидерот на опозициската СДСМ најавува кадровско освежување во партијата. Тој изјави дека вечерва на седница на Извршниот одбор ќе побара од членовите да се повлечат, а новите членови ќе бидат избрани за отприлика две недели.
– Ги бараме најдобрите луѓе, луѓе коишто имаат најдобар капацитет за да ја спроведат програмата којашто сметам дека граѓаните и тоа како ја заслужуваат. Веќе разговарав со добар дел од луѓето, не би шпекулирал со имиња меѓутоа не станува збор за целосна смена, туку за парцијално освежување на тимовите и во делот на раководството на партијата на ниво на потпретседатели и во делот на Извршниот одбор, рече Филипче за Телма.
Во следниот период најави активна теренска активност на партијата.
– Имаме тимови коишто ќе се впуштат во силна и многу интензивна теренска работа, ќе се впуштат во изнаоѓање на нови членови коишто практично ќе знаат премин на генерациите во СДСМ од една во друга генерација, нова сила, нова енергија, рече Филипче за Телма.




