
На минатото рочиште Судот ги прифати приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, и информираше дека ќе им биде доставено, а следната закажана расправа се одложува за да имаат време да може да се запознаат со материјалите.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата се присутни и роднини на настраданите во несреќата, претставници на обвинителството и на одбраната, домашни и странски новинари.
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.




