дома Македонија Барав да не му се издава дозвола за „Пулс“, тврди поранешниот градоначалник...

Барав да не му се издава дозвола за „Пулс“, тврди поранешниот градоначалник на Кочани, Димитровски

Одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, на денешното судење за случајот „Пулс“ истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска.

Ратко Димитровски

Тврдат дека Димитровски не само што немал намера или умисла, туку бил единствен кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре уште пред објектот да започне со работа.

Бранителката на Димитровски, кој беше градоначалник на Општина Кочани од 2012 до 2017, адвокатката Ангела Соколова на денешното рочиште меѓудругото рече:„Обвинителниот акт е преседан во судско обвинителката служба, особено во пронаоѓање на каузална причинско -последична врска. Ќе докажеме дека обвинетиот не е виновен за делото што му се става на товар. Ниту едно поставување на обвинетиот од 2012 до 2017 година може да се граничи дека доколку било преземено ќе спречело настанување на последицата. Ништо не може да се подведе под теорија на каузалитет“.

Димитровски, на почетокот во својот воведен говор изрази сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените побрзо заздравување.

„Изненаден сум и никогаш не сум помислил дека ќе застанам на обвинителна клупа за нешто што единствено јас пред 13 години сум бил против. Знам дека е во ред дел од граѓаните да ме гледаат како градоначалник од една политичка партија, но никако не е во ред да ме гледаат со презир. Оваа конструкција на обвинение е на моја штета и на штета на моето семејство, но и на штета на оштетените, зошто каква правда може да се добие ако се обвинуваат луѓе што не се виновни. Не може да има правда со заменски обвинети“ изјави Димитровски.

Кога државен орган одобрува, според Димитровски, градоначалник и општина нема надлежност да го контролира и проверува.

„Во овој случај целата постапка за издавање лиценца се води пред државен орган и тие не одговараат на локалната самоуправа и општината нема ама никакви ингеренции. Нека се откаже државата со закон од овие ингеренции, а не да се свртува внимание со лажни обвиненија. Единствен во држвата сум реагирал и барал да не се даде дозвола, а по 13 години  институционален молк сега да сум од оваа страна, а не како јавност. Со ваквото обвинение испаѓа дека јас сум требал да ги преземам надлежностите на МВР и републичките органи“ изјави Димитровски.

Димитровски, заедно со поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов, се обвинети дека свесно и континуирано не постапувале согласно законските прописи за заштита, урбанистичко планирање и инспекциски надзор.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава, загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска и се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници

ПредходнаКрис Џенер направи лифтинг на лице пред нејзиниот 70-ти роденден: “Јас бев единствената што не го допре носот на лицето”
СледнаПамела Андерсон размислува за промената на презимето: “Сакам да се вратам на моите фински корени”