
МВР денеска поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов и уште пет лица за злоупотреби во постапката за јавна набавка на електрични автобуси.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(35) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, против Д.П.С.(61) од Струмица, К.Б.(37) од Богданци, Л.Ј.(63) од село Ново Село, струмичко и Л.Ѓ.(62) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ и против Г.П.(58) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека помогнал во извршувањето на кривичните дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „несовесно работење во службата“.
Пријавениот К.К., во својство на поранешен градоначалник на општина Струмица, ги повредил правилата на постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“ од Струмица со ангажирање на пријавениот Г.П. како одговорно лице задолжено за одговори на технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементацијата и целосна реализација на договорот, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката издадена од Комората за овластени архитекти и овластени инженери. Исто така, пријавениот К.К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка преку договарање со Г.П. на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси.
Пријавената К.Б., во својство на претседател на комисијата за јавни набавки при ЈСП „Струмица-Транспорт“, заедно со пријавените Л.Ј. и Л.Ѓ., во својство на членови на комисијата за јавни набавки, во тендерската документација за отворената постапка за јавна набавка на електрични автобуси за јавен превоз преку финансиски лизинг за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“, како одговорно лице задолжено за следење на реализацијата на договорот го определиле пријавениот Г.П., кој бил носител само на лиценца Б за надзор од областа на електротехниката, не бил квалификуван за тие работни задачи во предметната јавна набавка, немал ниту право да одговара на технички прашања, да учествува во техничката евалуацијата на понудите, да врши надзор над имплементацијата и целосната реализација на договорот.
Поранешниот градоначалник на Струмица, пак излезе со реакција во која ги отфрла во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка.
Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица, истакна Костадинов.
Костадинов потенцираше дека проектот од стратешко значење за општина Струмица од кој, денес во пракса сите жители на општината имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, процедурално е инициран од Општината, изгласан на Советот на Општина Струмица, со јасни насоки за формирање Јавно Сообраќајно Претпријатие, спроведување на јавна набавка за автобуси и имплементација на проектот.
„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои што постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект кој денес беспрекорно функционира во пракса. Политички коментар не би сакал да давам“, нагласи Костадинов.




