дома Свет Балкан Бурата поплави патишта во Грција, дел од училиштата затворени

Бурата поплави патишта во Грција, дел од училиштата затворени

Бурата Бајрон, која ја погоди Грција, предизвика затворање на голем број училишта, поплавување на патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.
Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави Катимерини.


Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвја паднаа во неколку области.
Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумите и приземјето на зградите на повисоките катови поради развојот на поплавите.
Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност.
Надлежните оддели на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во состојба на зголемена готовност.
Поради бурата Бајрон, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, ќе бидат затворени денес, соопштија грчките власти.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме ризици“, изјави гувернерот на регионот Атика, Никос Хардалиас.
Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со Цивилната заштита и Министерството за образование.
Со одлука на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата исто така ќе бидат затворени на островот и утре.

ПредходнаБабиш сепак ќе биде премиер на Чешка
СледнаМеси: Можеби ќе го пропуштам Светското првенство во 2026 година.