Од 1 јануари се намалува надоместокот за дистрибуција на електрична енергија за 3,64 проценти. Се намалува и надоместокот за пренос на електрична енергија, односно за користење на преносниот систем од МЕПСО за 2,67 отсто, а за 3,4 отсто е намалена цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО.
Ваква одлука донесе Регулаторната комисија за енергетика и таа ќе влијае на крајната цена на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар. Влијанието на крајната цена за пренос на електрична енерија ќе биде 4 проценти, за дистрибуција на електрична енергија 33 проценти, а влијанието на операторот за пазар на електрична енергија 0,19 проценти. Со тоа вкупно во делот каде што има влијание РКЕ на цената на електричната енергија ќе има намалување од 37 проценти врз крајната цена.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски денеска на прес-конференција рече дека се уште не може да се каже колкава ќе биде крајната цена на електричната енеригија што ќе ја плаќаат потрошувачите по 1 јануари, бидејќи треба да се направат и пресметките од ЕВН Хоум во делот на снабдување и додаде дека покрај количините на електрична енергија кои универзалниот снабдувач ги обезбедува од ЕСМ според Законот за енергетика треба да откупи и соодветен процент и од повластените произведители на електрична енергија кои вообичаено на годишно ниво се од 250 до 260 милиони киловат часови.
– Во моментот кога ЕВН Хоум ќе ги достави пресметки ќе дадеме точни и прецизни информации, а сега не би сакале да шпекулираме, бидејќи има фактори на кои ние не им ги знаеме цените, особено во делот на повластените производители, рече Бислимоски.




