„Чекајќи роман“, по точно три години од големиот книжевен спектакл што го одбележа пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во Кино „Милениум“, и по големиот успех на оваа книга што досега доби 6 изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се врати на книжевната сцена со фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост „Александар јава на запад“, во издание на „ТРИ“.
Синоќа, во МНТ, во амбиент замислен како разговор, а не како класична промоција, во присуство на бројни гости од сите сфери на живеење, промоторите, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и новинарот Ерол Ризаов го претставија „новиот“ Андоновски и ни го доближија романот давајќи ни патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и воопшто во општеството, пишува Независен.мк.
„Живееме во време кога е потребно да се изнајде нов начин на читање, а не нов начин на пишување. Зашто, ако на приказната не ѝ се потребни убавиот јазик и убавиот збор, тогаш сигурно ѝ е неопходен убавиот начин на читање, кој сега за сега (како формула, како збир на правила) не постои, но се надеваме дека со текот на времето и ќе се пронајде. Впрочем, како што постојат талентирани и неталентирани писатели, така постојат и надарени и ненадарени читатели. Да се пронајде нов начин на читање, да се поведе некоја друга, нова игра со читателот – тоа во прв план го истакнува Андоновски во својата поетика. Читателот е ставен во центарот на вниманието, тој не е ни пасивен конзумент, ниту пак е надвор од самото дело (овојпат од она што ти го именуваш како „чекајќи романот“ или поточно она што запишувачот псевдо-Венко Андоновски го истакнува кога вели: „,,, некому можеби ќе му заличи на роман, некој можеби ќе препознае во него современ историски роман од типот на Војна и мир, некој ќе рече – ова е новела, но ова не е сигурно ниедно од тие нешта“), потенцираше синоќа, Мојсова-Чепишевска.
„А ти, Венко, ги ослободуваш и Александар и Гоце Делчев, од цврстата историска матрица, ги извлекуваш од историските читанки (од таму каде што најмногу ни наоѓаат забелешки нашите соседи), ги ослободуваш и од документите, списите, архивите …Затоа и не е воопшто пренасилено ако кажам дека нивната авантура може да се чита и како некоја македонска псевдовитешка и псевдоисториска приказна, како псевдодосие…, рече синоќа, Чепишевска.
Ризаов, пак, истакна, дека иако оваа книга од првата до последната страница е забавна, ќе ве натера да се насмеете, но и ќе ве растажи, сепак е напишана во повеќе слоеви кои ќе ве замислат за минатото, но и за иднината.

„Што ќе биде ако оваа фикција стане реалност“, го праша Ризаов, Андоновски.
„Твоите ликовите во „Александар јава на запад“ се далеку од играта за било каков вид на психолошка мотивација или за асоцијативно сфаќање на подсвеста, иако на моменти кај нас, како читатели (барем кај мене), се јавува сомнеж дека има и таква тенденција, особено кога вметнуваш и некои промислувачи на книжевноста, па и теоретичари, како на пример Аристотел (и покрај тоа што знаеме дека тој му бил учител на Александар кој ете по 24 века се очудува и очовечува како полнокрвен лик од самиот споменик „Воин на коњ“), па и Фердинанд де Сосир, или промислувачи како Јохан Кеплер (клучната фигура во астрономската револуција на 17 век). Ама се воодушевив кога го читав оној микс од ликови (Академикот, Реверентот, Кузман Капидан, Олошот, Анте Поповски и неговите синови) кои им се придружуваат на Александар и Гоце Делчев. Нив ги има и во твојата посвета кон овој т.н. „чекајќи роман“.
Само не можев да го разоткријам хирургот, д-р Марјан Камилоски. Дали тој ти помагаше кога ги осмислуваше сите оние „операции“ на патувањето кон Запад (походите кон Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, па сè до Хаг, битките, бегањата, трчањата, апсењата …), кои така вешто знаеше да ги засечеш, така прецизно да ги забибериш и како со хируршки нож да ни отвориш рана или да ни засечеш нерв? Притоа така добро ги засекуваш и Србите (преку Петар Ичко и Аристотел од Свилајнац), и Хрватите за кои потенцираш дека најмногу ја преферираат професијата Хрват, и Словенците кои се опиваат со лашко и притоа не смеат да уринираат, а најмногу го касапиш Хаг преку онаа Карка дел Мелоне која некогашниот голем херој во Индија го решава како воен злосторник. Го позајми тој нож од Камилоски?“, го праша Чепишевска, синоќа, авторот.
…..повеќе на Независен.мк




