
Судијката на Окружниот суд во Сан Франциско, Сузан Илстон, изјави дека главниот аргумент на синдикатите во тужбата е дека планираните намалувања на работни места не биле дозволени според законот усвоен од Конгресот минатиот месец за прекин на 43-дневното затворање на федералната влада.
Отпуштањата требаше да стапат на сила во петок. Законот спречува отпуштањата да се спроведат пред 30 јануари, но администрацијата на Трамп во писмо до агенциите изјави дека тој не се однесува на плановите за намалување на работните места објавени пред почетокот на затворањето на владата на 1 октомври.
Ова вклучува околу 1.300 вработени во Министерството за надворешни работи чии отпуштања беа објавени во јули. Неколку стотици од нив беа отпуштени од работа два месеци подоцна.
Американската федерација на државни службеници и Американското здружение за надворешни работи оценија дека администрацијата на претседателот погрешно го толкува законот, па затоа побараа од судијата привремено да ја запре одлуката за отпуштање. Сепак, судскиот спор продолжува.
Синдикатите поднесоа тужба во октомври против неколку федерални агенции поради плановите за отпуштање на вкупно четири илјади вработени за време на блокадата на владата.
Претседателот Трамп зборуваше за намалување на работните места откако се врати во Белата куќа како клучен елемент од неговата реорганизација на американските агенции. Во меѓувреме, администрацијата ги намали планираните отпуштања откако десетици илјади вработени прифатија отпремнина или се пензионираа предвремено.




