Опозициската СДСМ, како што најави, денеска почна со објавување на „бомби“, кои како што тврдат од партијата, го покажуваат криминалното владеење на власта.

Членот на Централниот одбор на партијата Александар Саша Димитријевиќ на прес-конференција објави нов случај на испумпување на пари од Буџетот поврзан со директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски.
Како што објави СДСМ, семејната фирма на Томовски добила 161 тендер и вкупно 5.360.000 евра.
– Видовме како се пумпаат 9 милиони евра, пари на граѓаните преку блиски луѓе и посредници. Видовме како се краде народот преку наместени тендери. Ама за старата банда не се доволни посредници од надвор, таа е гладна, ненаситна, бизнисот мора да го тераат лично и од дома, од фамилијата.
Денеска објавуваме нов скандал, нова бомба, за тоа кој и како „чисти“. Сите патишта водат до Ивица Томовски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Службата за општи и заеднички работи при Владата, рече Саша Димитријевиќ.
Според СДСМ, со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, фирмата на Томовски ја зголемила својата дејност за 306 проценти, а само годинава земала нови 10 тендери од речиси половина милион евра.




