Апликацијата „Култура на отворени врати“, лансирана во италијанскиот регион Пиемонт, им овозможува на корисниците да посетат низа средновековни цркви во руралните средини и да ги видат нивните непроценливи фрески преку мултимедијален пристап.

Корисниците на оваа бесплатна апликација можат да посетат и да обиколат повеќе од 70 цркви и капели кои сега се достапни благодарение на овој проект. По влегувањето во овие згради, корисниците можат да активираат мултимедијален наративен систем и да ја слушнат историјата и информациите за уметничките карактеристики на црквите на три јазика, придружени со музичка придружба и специјално осветлување, пишува денес „The Guardian“.
Едно такво светилиште е капелата Санта Марија ди Мисионе од 15 век, во градот Вилафранка Пиемонте, во северна Италија, која се наоѓа зад полиња со пченка, во подножјето на планините.
Во неа се наоѓаат фрески од уметникот Аимоне Дуче, а капелата е најстарата верска зграда во тој град со околу 4.000 жители.
Тоа е само една од низата слични цркви лоцирани во руралните области на Италија што корисниците на апликацијата можат да ја посетат како дел од системот „Cultura a Porte Aperte“ (Култура на отворени врати), создаден од Советот за црковно културно наследство на регионот Пиемонт и Вале д’Аоста и Фондацијата CRT.
Како што е наведено на веб-страницата на апликацијата, станува збор за систем за автоматско отворање и нарација за културното наследство.
Оваа апликација овозможува резервации преку телефон и влез во местата. 365 дена во годината, од 9 до 18 часот, со користење на QR код што треба да се скенира на главниот влез. По влегувањето во локацијата, посетителите можат да слушаат наративен глас, а наративот е достапен и за лица со сензорни попречености.
Иницијативата беше започната во 2018 година со иновативниот проект „Отворени цркви“, единствен во Европа, кој значително го промени начинот на кој го доживуваме црковното културно наследство.
Во 2025 година, проектот беше проширен и трансформиран во „Култура на отворени врати“.




