дома Македонија Македонија го чествува празникот Св. Климент Охридски, државниот врв со пораки за...

Македонија го чествува празникот Св. Климент Охридски, државниот врв со пораки за заедништво

Македонија денеска го чествува празникот Св. Климент Охридски. Во Собранието ќе биде доделена државната награда за достигнувања во образованието, науката и уметноста која годинава ќе им биде врачена на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог и на Живоин Глишиќ, композитор и Беди Ибрахим, ликовен уметник.

По повод празникот честитики упатија од државниот врв со пораки да се следи Светиклиментовото дело и преку поголема посветеност кон образованието, науката и толеранцијата да се изгради држава достојна за живеење.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката порачува делото на Св. Климент Охридски да биде инспирација за да државата ја направиме пристојно, праведно и достоинствено место за живеење.

– Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро. Нека пораката на Свети Климент, за смирение, милост, знаење и заедништво, биде наш водич и наша инспирација да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење, вели Сиљановска-Давкова.

Според Сиљановска-Давкова, пред нас е голема задача односно одново да ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата.

Честитка по повод празникот упати и претседателот на Собранието Африм Гаши со порака денешниот празник да биде поттик за уште поголема посветеност кон образованието, науката, толеранцијата и меѓусебното почитување.

Празникот посветен на Свети Климент Охридски е прогласен за државен празник во земјава.

 

ПредходнаГермански медиуми: Фридрих Мерц поднесе стотици кривични пријави за навреди
СледнаВо два случаи фатени возачи со 1,56 промили алкохол во крвта