Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повтори ставот дека во оваа фаза не треба да се формира анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани бидејќи постои опасност да се компромитираат одредени сведоци и докази.
– Имав официјално барање од претседателот на Собранието и писмено се произнесов. За мене лично сметам дека во оваа фаза не треба да има Анкетна комисија, бидејќи одредени докази и сведоци можат да се компромитираат, со оглед дека се води судска постапка. Она што беше барање од страна на претседателот на Собранието речиси ги опфаќаше истите оние прашања, за што и Јавното обвинителство води постапка. Од тие причини сметам дека две паралелни постапки не е целисходно да се водат во овој момент, изјави денеска Коцевски.
Смета дека истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ била многу опфатна и дека биле ангажирани многу јавни обвинители и донесена е обвинителна одлука против обвинети кои се опфатени со самото обвинение.
– За полициските службеници следува нова јавно обвинителска одлука, а по однос на останатите лица од Управата за јавни приходи во тек е истрага во Јавното обвинителство со надлежност, рече Коцевски.
За најавите од премиерот Мицкоски за негово разрешување, Коцевски рече дека останува на неговиот претходно искажан коментар дека се работи за политичка одлука.
– Тоа е политичка одлука. Согласно важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Тоа Советот на јавни обвинители го констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда. Понатаму постапката, предлогот оди во Влада, односно Владата може да го достави до Собранието. Тоа не е моја надлежност, рече Коцевски.




