Американски милијардер донира речиси 100.000 долари – максималниот дозволен износ за онлајн донација – на човек наречен „херојот од Бонди Бич“. Станува збор за граѓанин кој го совладал еден од напаѓачите за време на нападот и му го зел оружјето. Донацијата изнесува 99.999 долари, што е околу 85 илјади евра.

Видео кое се прошири на интернет го прикажува 43-годишниот сопственик на продавница за овошје Ахмед Ал Ахмед како трча кон напаѓачот и му го грабнува оружјето. Откако му го зел оружјето, тој го насочил кон него, принудувајќи го да се повлече.
Речиси милион долари за закрепнување
Кампањата за собирање средства започната за Ахмед на платформата GoFundMe собра речиси милион долари.
Најголемата единечна донација ја даде американскиот милијардер Вилијам Акман, извршен директор на Pershing Square Capital Management, кој го пофали „храбриот херој“ за спасување животи на социјалната мрежа X. Родителите на Ахмед претходно изјавија дека нивниот син бил застрелан четири или пет пати во рамото и се наоѓа на лекување во болница.
Трамп, исто така, го пофали
На прес-конференција, премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, му оддаде почит на храброста на Ахмед, чие име сè уште не беше објавено. „Овој човек е вистински херој и не се сомневам дека многу, многу луѓе се живи вечерва благодарение на неговата храброст“, рече тој.
„Денес видовме како Австралијанци трчаат кон опасност за да им помогнат на другите. Овие Австралијанци се херои, а нивната храброст спаси животи“, рече австралискиот премиер Ентони Албанезе. На божиќниот прием во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, го пофали Ахмед, велејќи дека има „голема почит“ кон него. „Тој беше многу, многу храбар човек. Тој директно го нападна еден од напаѓачите и спаси многу животи“, рече тој.
За потсетување, полицијата соопшти дека најмалку 15 лица биле убиени во вчерашниот напад. Нападот бил насочен кон еврејската заедница за време на прославите на Ханука на плажата Бонди, а 29 лица биле однесени во болница, вклучувајќи и едно дете. Меѓу жртвите бил израелски државјанин.
Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека двајцата напаѓачи биле татко и син, идентификувани како 50-годишниот Саџид Акрам и неговиот 24-годишен син Навид Акрам, кои биле под истрага на безбедносните служби за врски со терористичката организација Исламска држава од 2019 година.
Таткото бил убиен на местото на настанот, со што вкупниот број на жртви достигна 16, додека синот е во критична состојба во болница. Целиот инцидент е прогласен за терористички чин.




