Опозициската СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по случајот со починатото бебе на интензивна нега на оваа Клиника.

– Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого. Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството, изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Од СДСМ бараат целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата.
– Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи. Но документите од самата Клиника говорат поинаку. Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето, изјави Радеска.




