Да ви ја честитам новата 1949, рече денеска од собраниската говорница пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, кој побара од дневниот ред на 76. собраниска седница да се симне точката 12, односно Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од владејачката коалиција, како и точката три – владиниот предлог за продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на земјава, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.

„Со точка еден се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, вожде вие оценивте дека опозицијата се што ќе каже лаже и прави манипулации, тоа е цензура, му се обрати Џафери на собранискиот спикер, Африм Гаши.
„Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, нути ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на згрижување мигранти“, продолжи Џафери и праша зошто тогаш е потребна точката три, за веќе 14 години да се продолжи мигрантската криза ако веќе договорот со Фронтекс, со ЕУ е потпишан.
„Се констатира дека ваквите информации се шират свесно и континуирано, вожде како констатиравте дека свесно опозицијата шири манипулации и лаги и манилупира со јавноста, го праша Џафери повторно Гаши.
За резолуцијата реагираа и пратениците од опозициската СДСМ, кои ја напуштија собраниската седница, на која во тек се опозициски пратенички прашања. Тоа го сторија и поради неприсуство на министри од Владата до кои треба да се постават прашањата, како и поради непочитување на процедурите, при доставувањето на Законот за Судски совет.

„Тоа замислете е резолуција за осудување на опозицијата. Тоа до сега не се случило во парламентарната демократија. Колку и да е кревка таа демократија, ќе разбереме ваков предлог во 90-та година. Во 2025 година резолуција со која што се осудува опозицијата, апсолутно е неприфатливо. Второ, резолуција со која што ги ништите сите одлуки на владата, а на тој начин и овие веројатно коишто се донесени до сега одлуки на Владата, а се однесувале на мигрантската криза, па и оваа која што е денеска на дневен ред, дека по предлог на Владата се бара кризна состојба да се прогласи повторно, таа ви е ништовна одлука. И вие на основа на ништовна одлука, сакате да донесете нова одлука на Собранието“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Координаротот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека резолуцијата не е за осуда на опозицијата, на нејзините манипулациите.

„Сакаме да ставиме точка на лудилото што го предизвикуваат меѓу граѓаните во изминатите десетина дена и повеќе“, рече Мицевски и додаде дека на дневен ред е резолуција, која е доставена до Собранието и забележа зошто СДСМ не ја доставиле нивната резолуција.
„СДСМ немаат доставено резолуција до Собранието, со неа мафтаа на прес во Бихаќка, во партиското седиште. Почитивувани колеги од опозицијата не ви се точни наводите, поднесете резолуција за да зборуваме за неа, моментално имаме само една резолуција, која има цел да ги осуди манипулациите, кои се шират од опозицијата“, додаде Мицевски.
Резолуцијата на владината коалиција е составена од девет точки, а во првата стои: „СЕ ОСУДУВА лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови“.




