Антикорупцискиот тим на СДСМ, АКТ ја претставува новата дигитална платформа за борба против корупцијата и криминалот. Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал или скратено МИЦКО (https://micko.mk/), изјави денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ член на ЦО, на СДСМ.
„Платформата е посветена на истражување и архивирање јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија. Што правиме? Истражуваме случаи. Длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и останати сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции. Ги архивираме податоците, креираме регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, овозможувајќи лесен пристап и пребарување. Промовираме транспарентност: Делиме анализи и известувања како граѓаните но и новинарите, експертите, невладините организации можат да дадат придонес“ рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека од денес платформата е активна и целосно оперативна, на располагање на граѓаните и ги повика сите да пријавуваат.
„Ги повикуваме сите граѓани, невладини организации, истражувачи, новинари, медиуми, да ни се приклучат. Заедно се бориме против корупцијата и криминалот. Сите ќе одговараат, од прв до последен! Ова е заедничка борба за државата, за правдата. Работата не е завршена“, потенцираше Димитријевиќ.
Додаде дека на платформата против корупцијата веќе се објавени досегашните бомби на АКТ.
„Случајот со една фирма со двајца вработени основана лани која добила тендери од 9 милиони евра. Случајот со фирма која добила 161 тендер вредни 5,3 милиони евра. И секако скандалот за преземањето на Алта Банка, со сомнителен капитал, кој НБРМ го дозволила под сомнителни околности“, рече тој.




