дома Свет Балкан За Старовиќ неучеството на Србија на Самитот во Брисел е посветеност на...

За Старовиќ неучеството на Србија на Самитот во Брисел е посветеност на Белград на патот кон ЕУ

Српскиот министерот за евроинтеграции Немања Старовиќ денеска изјави дека целосно го поддржува ставот на претседателот Александар Вучиќ Србија да не учествува на денешниот самит на Европската унија и Западен Балкан.

Немања Старовиќ

„Оваа одлука е израз на вистинска посветеност на нашиот пат кон членство во Европската унија“, напиша Старовиќ на Икс.

Старовиќ наведува дека патот кон членство во ЕУ мора да се темели на заслуги, меѓусебно почитување и искрена посветеност на заедничка иднина, како и дека ЕУ испратила лоша порака до граѓаните на Србија со тоа што не ги наградила реформите што сегашната влада ги спроведува од 2022 година.

„Со кратковидното отсуство на волја за евалуација на резултатите од реформите во последните четири години, почнувајќи од измените на Уставот на почетокот на 2022 година па натаму, со еден симболичен процесен чекор во пристапните преговори, на граѓаните на нашата земја им е испратена многу лоша порака што само ги потхранува антиевропските наративи и ги обесхрабрува носителите на реформските процеси во општеството“, напиша Старовиќ.

Тој ја брани одлуката на Вучиќ, наведувајќи дека отсуството на српскиот претставник на Самитот во Брисел не само што е одбрана на „достоинството на нашиот народ“, туку и на кредибилитетот на европската идеја во Србија.

На крајот, Старовиќ им се заблагодарува, како што вели, на бројните земји кои ја препознале посветеноста на Србија на реформите и изразува надеж дека ќе има отстранување на застојот на патот на Србија кон ЕУ.

„Изразувам надеж дека преостанатите земји-членки наскоро ќе се приклучат на политичкиот консензус што е неопходен за надминување на застојот на кој е изложена Србија без доволно реални причини“, заклучи министерот Старовиќ.

Српскиот претседател Вучиќ синоќа во гостување на РТС изјави дека Србија нема да има свој претставник на Самитот и дека тој самиот ја донел оваа одлука, „со цел Владата да не трпи притисок“.

„Прв пат по 13 или 14 години, ниту јас, ниту некој друг ќеоди на таа меѓувладина конференција. Никој нема да биде таму во име на Република Србија, па затоа ќе го имаат Западен Балкан без Република Србија“, рече Вучиќ.

Самитот ЕУ- Западен Балкан се одржува денеска во Брисел. На самитот, со кој претседава Антонио Кошта, е планирано да се разговара за партнерството меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на процесот на проширување на ЕУ и подобрувањето на европската перспектива на регионот. Покрај претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Самитот ќе присустуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.

ПредходнаДКСК ги објави имињата на градоначалниците кои не поднеле анкетен лист во законскиот рок
СледнаГраничниот премин Евзони затворен од 18 до 22 часот по локално време