Владата ги отфрла обвинувањата од Истражувачкиот центар за корупција и организиран криминал на СДСМ изнесени на денешната прес-конференција од страна на портпаролката Богданка Кузеска.
Изнесените наводи се целосно неосновани и претставуваат груба клевета и свесна конструкција, е одговорот од Владата.
Велат дека обидите на опозицијата се јасни – да конструира наративи без фактична основа.
– Затоа, уште еднаш потенцираме дека сите релевантни податоци се јавно достапни и лесно проверливи преку официјалните електронски системи на надлежните институции. Овие слаби и безидејни конструкции, лесно се распаѓаат при најосновна проверка. Станува збор за централизирана јавна набавка за 20 министерства со одлука на Владата. Набавката на овие системи има за цел да ја зајакне сајбер – безбедноста на институциите преку навремена идентификација на безбедносни слабости и проактивна заштита од закани, велат од Владата.
Во текот на постапката, според Владата, имало две понуди, а наведениот субјект имал најповолна понуда. Постапката била спроведена без никаква забелешка, ниту пак покрената жалба.
– Во однос на другата спомената јавна набавка, станува збор за реално потребен софтвер за проект кој го ветивме пред граѓаните со цел зголемена транспарентност и дигитализација на институционалните процеси, односно предвидува модул за следење на договорите (нивна исполнетост и количина), модул човечки ресурси, модул увид за барања од разни институции до СОЗР, прегледност на режиски трошоци и која институција колку троши, информира Владата.
Според Владата, станува збор за тенденциозен обид за политичка манипулација, во кој се пласираат фабрикувани тврдења без ниту еден релевантен доказ.




