
„Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, која беше поднесена од владејачката коалиција, како контра резолуција на најавената од СДСМ за мигрантите, денеска беше усвоена на седница на Собранието.
Резолуцијата ја поддржаа 65 пратеници, а петмина гласаа „против“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна, доследна и непроменлива политика против нелегалната миграција. Владата, додаде тој, никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти на територијата на општините во државата.
Документот, според него има и јасна превентивна улога – таа испраќа порака дека прашањата поврзани со безбедноста, миграцијата и јавниот мир не смеат да бидат предмет на лаги и политички конструкции.
„Република Македонија се наоѓа во состојба на десет дена континуирана дезинформација по одредени теми и од таа причина, една од мерките којашто ние како одговорно владејачко мнозинство имаме да го преземеме е да укажеме на граѓаните дека она што го тврди дел од опозицијата, и од таа причина јавноста којашто беше изложена на организирана и координирана кампања на дезинформации и манипулации со коишто дел од опозицијата свесно создаваше страв, несигурност и паника кај граѓаните преку лажни тврдења за наводно прифаќање на мигранти и изградба на мигрантски кампови, се настојуваше да се урне довербата во институциите и да се злоупотреби чувството на безбедност на граѓаните за дневнополитички цели“, рече Мицевски.
За опозицијата резолуцијата е противдемократска
Пратеничката Јована Мојсовска од Левица, во реплика, рече дека единствен аргумент за „оваа лошо склопена резолуција“ е дека „премиерот Мицкоски ветил“.
„Ако за Вас секој збор што премиерот Мицкоски ќе го каже е релевантен, тоа апсолутно не важи за нас и ние го имаме целосниот легитимитет, да имаме и тоа како скепса и дилема за она што го ветува премиерот“ изјави Мојсовска.
Пратеникот Сали Мурати, од Движење на Турците во Македонија, рече таа е директен напад врз темелните вредности на парламентарнат демократија и обид за институционално замолчување на опозицијата и воведување на еднопартиско размислување.
„Во ниту една развиена демократска држава нема да најдете резолуција со која мнозинството ја осудува опозицијата, рече тој.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари изјави дека со Резолуцијата создава опасен преседан и се поларизира општеството. Таа додаде дека Резолуцијата е сериозен обид за зголемување на авторитаризам и води кон еднопартиски систем.
Темата за мигрантите е во фокусот на македонската јавност откако во програма на британската телевизија Great Britain News беше емитувана дискусија во која новинари и гости зборуваа за можноста мигранти, за кои Велика Британија нема правна основа да ги задржи или врати во нивните матични земји, да бидат пренасочени кон Македонија како работна сила. А за истата проблематика пишуваше и Британски САН.




